Мобилна апликација на „Службен весник“ за полесно пребарување закони

by Fokus

Во ЈП „Служен весник“ денеска е промовирана мобилната апликација на електронската база на прописи со редакциски пречистени, консолидирани, текстови на закони, со која ќе може брзо и лесно да се пребаруваат прописите во РСМ.

Промотивниот период во првите три месеци од инсталирањето на мобилната апликација е во тек и сите заинтересирани можат да го искористат за запознавање со услугата, која регуларно ќе чини 4.500 денари за период од 12 месеци.

Мобилната верзија ќе овозможи пребарување на прописите по клучни зборови, предметен регистар, доносител и тип на пропис, поставување на нотификации за сите промени во правната регулатива, како и по пребарување на консолидирани текстови на сите закони на кои им се направени измени и дополнувања.

– Со нашето секојдневно мошне динамично работење, настојуваме да сме над стереотипите, да ги следиме потребите, како на институциите и бизнис-секторот, така и на граѓаните, и тоа постојано, во рамките на нашето мото „Квалитет, безбедност, навременост и точност“, изјави директорот на ЈП „Службен весник“ Мартин Костовски, при претставувањето на овој нов производ.

Костовски рече дека оваа услуга ќе биде особено интересна и полезна за инспекциските служби или за новинарите, односно за сите оние кои се често на терен и во секое време сакаат и треба навреме да добиваат информации за нашето законодавство и движењата во неа.

Најави дека наскоро се очекува и електронското издание на службеното гласило да добие официјална верзија, односно, како што е и печатеното издание, и ова да биде правнообврзувачко, што веќе одамна е европска практика.

Костовски додаде дека тенденцијата на гласилото, кое датира од 1945 година, е да го следи чекорот со времето и да живее со него.

– Електронската понуда на службениот весник е дел од тој ритам кој го наметнува ехото на денешницата, а ние во него сакаме да сме најдобри. Нашата организираност, подготвеноста и веродостојноста, ни даваат право да бараме, а наскоро и да очекуваме тоа да се случи, т. е. електронската форма на службеното гласило да стане официјална, како уште еден подвиг во работното одбележување на седум и пол децении од постоењето на оваа институција“.

Поврзани новости