Она што ВМРО-ДПМНЕ го нарекува набавка на морски плодови е набавка потпишана во јануари 2017 од Јолевски и во најголем дел опфаќа набавка на риба, реагира Министерството за одбрана на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека министерката Шекеринска потрошила 80.000 евра за набавка на морски плодови.
-Невкусно е што ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја манипулира јавноста со набавки за кои знае дека ги потпишал нивниот поранешен министер Зоран Јолевски, а ја обвинува актуелната министерка. Ова го прават во обид да прикријат она што се обелодени – дека нивните функционери во МО ги трошеле службените картички за свои луксузи во огромни износи на штета на војската и државата, дека има дупка од 300.000 евра невратени аванси од соработниците на Јолевски, меѓу кои само еден зел аванс од 5.000 евра непосредно пред промената на власта, да ги прикријат бројните злоупотреби на парите кои можеле да се искористат за подобрување на условите и опременоста на Армијата, се наведува во реакцијата на МО.
Министерството ги детектирало сите злоупотреби кои се вршеле за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога Министерството било користено како што велат оттаму, како мини банка за потребите на неколкумина функционери кои тие пари ќе мора да ги вратат.