Министерството за надворешни работи на Македонија со жалење констатира дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности во Македонија“, усвоена денеска, на последниот ден од работата на Народното Собрание на Бугарија, не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.
Со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи.
Секој чин на провокација од било која страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји.
По однос на содржината на декларацијата, би сакале да издвоиме:
Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности, покажа дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија.
Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Македонија, вклучително и на бугарската.
Исто така, Министерството за надворешни работи во повеќе наврати посочи дека Законот за фондации и здруженија не е насочен против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките македонци, туку и за сите граѓани кои живеат во Македонија.
Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженија и фондации. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации.
Остануваме на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се Претседателот, Премиерот и Министерот за надворешни работи. Притоа Министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво. Оттука бројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на Декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста.
Во исто време сакаме да ја искористиме приликата и да повикаме на воздржаност од натамошни одлуки и дејствија кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани, токму во духот на европските вредности и слободи,соопшти МНР.