МНР со апел да не се патува во Италија, не работи и македонскиот конзулат во Венеција

by fokus

Министерството за надворешни работи денеска објави препорака до граѓаните на Република Северна Македонија да не патуваат во Италија поради состојбата со коронавирусот.

– Со оглед на рапидноста на развојот на настаните со COVID-19 во Италија, препорачуваме нашите граѓани да не патуваат на целата територија на Италија. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време и да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти, соопшти МНР.

Генералниот конзулат на Македонија во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва во истиот регион, како и заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.

За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или venice@mfa.gov.mk.

Од МНР посочуваат дека преку нашите дипломатско конзуларни претставништва продолжува будно да се следи состојбата со COVID-19 за што граѓаните соодветно ќе бидат информирани. Официјални информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.

Поврзани новости