Министерството за надворешни работи денеска најостро ги осуди вчерашните написи „Македонија е Бугарија”, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците за време на заседанието за првата точка на Народното собрание на Република Бугарија, но и усмено пренесени од говорница, за време на истата седница.
–Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот. Република Северна Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија врачило „соодветна вербална нота“ со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи.
Што се однесува до користењето на терминот „Северномакедонци“ од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, се уште нема официјална реакција од МНР.
На вчерашниот прес министерот Бујар Османи рече дека „било разговарано со француската амбасада“ и „премиерот Ковачевски зборувал со Макрон“ и додаде дека верува дека станувало збор за ненамерна грешка.
Но, во текот на вчерашниот ден, Макрон уште еднаш ја повтори „ненамерната грешка“ и го употреби терминот „Северномакедонци“.
„Фокус“ и вчера и денеска испрати прашања до Владата дали планира да испрати официјална реакција до Париз, но до објавување на текстот се уште немаме добиено одговор.
К.С.Б.