Ниту еден од околу 100-те македонски државјани кои во моментот легално престојуваат во Кина не е заболен со корона вирусот, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.
„Согласно информациите добиени од нашето дипломатско-конзуларно претставништво во Кина, информираме дека до овој момент не е пријавен ниту еден случај на македонски државјанин кој е заболен со Корона вирусот. Исто така, нема пријавени македонски државјани кои се наоѓаат во пошироката зона со рестриктивни мерки за движење на кои им е потребна помош“, стои во дописот на МНР до медиумите.
Министерството за надворешни работи наведува дека е во постојан контакт со македонските државјани во Кина. Од таму посочуваат до граѓаните на Република Северна Македонија дека може да се обратат за подетални информации околу развојот на состојбите во Амбасадата на РСМ во Пекинг на дежурниот телефонски број +86 185 1351 2812 или е-маил beijing@mfa.gov.mk.