Исчезнувањето на Марија се уште е мистерија

by fokus

Веќе десетти ден нема никаква трага од исчезнатата Марија Брзакова од Босилово, Струмица. По младата жена и мајка која исчезна минатата сабота, на 18-ти јануари, кога во раните утрински часови излегла од својот дом, за време на викендот трагаа ловџии и жители од Општина Босилово и околината. Се пребарале каналите, текот на реката Турија, браните Дрвош и Иловица, Моноспитовско блато и околните полиња.

Сепак, ниту еден траг кој би водел кон Марија не бил пронајден, а од СВР Струмица информираат дека истрагата продолжува.

-Брзакова не е пронајдена, се работи на случајот, а во интерес на истрагата не смееме да откриваме повеќе детали – ни изјави Хризантема Рендевска од СВР Струмица. Исчезнувањето на Марија во полиција го пријавил нејзиниот сопруг Б.Б. (29) во понеделникот, односно по три дена и две ноќи откако жената се оддалечила од домот.

При објавата на информацијата дека исчезнувањето е пријавено во полиција по три дена, роднини на Брзакови реагираа на социјалните мрежи, обвинувајќи дека информацијата не е точна, односно дека сопругот не чекал толку долго за да пријави.

Сепак, Рендевска вели дека официјално, остануваат на првичниот извештај, односно случајот сепак е пријавен дури во понеделникот, а поради осетливоста на темата, да не се остава простор за шпекулации.

-На 20.01.2020 година во 15.20 часот во Полициска станица Струмица Б.Б. (29) од село Босилово, пријавил дека од нивниот семеен дом во село Босилово се оддалечила неговата сопруга Марија Брзакова (28). СВР Струмица превзема мерки за пронаоѓање на лицето – наведено е во официјалното соопштение од страна на СВР Струмица.

Исчезнувањето на младата жена ја вознемири јавноста, но и покрај тоа, информациите доставени до медиумите од страна на СВР Струмица, се доста ограничени. За да дознаеме како точно изгледа Марија, од која беше објавена само една профилна фотографија, и во што била облечена кога излегла од дома, минатата недела телефонски ја контактиравме нејзината мајка, Валентина, која појасни дека ќерка и била облечена во темни тренерки и патики или влечки, без мобилен телефон и било какви документи.

Други фотографии или пак информации околу точното време на напуштање на домот, или евентуални сомнежи околу причината за исчезнувањето – нема.

За повеќе детали Рендевска не упати кај Јавната обвинителка Силвана Бајрактарова од ОЈО Струмица, но на нашите телефонски повици во Обвинителството ни беше одговорено дека Бајрактарова е излезена на терен, а бројот од нејзиниот мобилен телефон не смеат да го даваат на медиуми.

Вики Клинчарова

Поврзани новости