Министерот за надворешни работи Бујар Османи има големи очекувања и од португалското претседавање со Советот на ЕУ кога е во прашање усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија. Во првичните контакти што ги имале со португалското претседателство била искажана сериозна намера да се продолжи процесот за проширување што остана од германското претседавање со Унијата. Османи најави дека денеска попладне ќе има кординација со цел утврдување на нов календар на активности во рамки на новите околности, бидејќи, како што рече досегашната динамика била утврдена како за успешен завршеток во рамки на германското претседателство.
Министерот за надворешни работи најави дека деновиве ќе испратат дипломат во Португалија, со цел тој да биде во контакт со португалските власти. Но, рече, истовремено ќе продолжи и комуникацијата со другите земји членки паралелно со комуникацијата со Бугарија.
Тој за денеска попладне најави координација со цел да се утврдат насоките како понатаму во комуникацијата со Бугарија во однос на надминување на разликите.
-Ќе имаме координација со премиерот, не во смисла на урврдување насоки, туку утврдување на пристап и динамика, бидејќи сепак е прв работен ден и сметавме дека треба да се стави приоритет на ова прашање и да седнеме и да видиме како понатаму во рамки на португалското претседателство, бидејќи целата наша динамика, целиот наш календар беше подготвен за успешен завршеток во време на германското претседателство, рече Османи.
Засега не е договорена средба со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева во контекст на разговорите за надминување на проблемите. Средба би требало да има, рече Османи, по повод два формални повода – потребата за одржување на првата меѓувладина конференција која треба да се закаже во првите месеци од годината, и по повод поканата за трилареталната иницијатива.
-Немаме никаква резерва во однос на тоа прашање нашите ставови се јасни, има разработени бројни предлози во изминатиот период. Дел од нив се комуницирани со Бугарија и очекувам тие да бидат основа за натамошно продолжување на разговорите. Точно е дека последниот предлог беше од наша страна на кој се уште не сме добиле одговор. Се додека нема иницијални сигнали дека тие предлози од било која страна можат да бидат прифатливи за двете страни и можат да станат основа за договор не би можел да навлезам во детали бидејќи се во фаза на еднострани предлози и идеи, рече министерот за надворешни работи Османи.