По вчерашната изјава на албанскиот премиер Еди Рама дека Македонија треба да го смени својот став кон Албанците, бидејќи, како што рече, тие не се малцинство туку државотворен фактор за опстанокот на Македонија, со реакција се огласија од македонското Министерството за надворешни работи.
МНР им порача на политичарите од регионот да се фокусираат на решавање на проблемите на своите граѓани, наместо да се мешаат во внатрешните работи на Македонија.
– Политичарите од соседството кои упорно се обидуваат да го оттргнат вниманието од проблемите дома, со потпалување оган кај соседи, одат спротивно на европските вредности. Секако дека им е најпривлечно да се занимаваат со соседни земји, во услови кога тешко им оди со реалните потреби на граѓаните во сопствената земја. Сепак, за сите ќе биде најдобро да се посветат на реформите што им се толку многу потребни пред да мечтаат за лидерство и да креираат поделби во регионот- велат од МНР.
Од таму порачаа дека сите држави треба да ја почитуваат македонската сувереност и изразената волја на граѓаните.