МНР: Белата куќа и Сенатот го поддржаа референдумот и Договорот со Грција

by fokus

Поддршка од САД за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција и надеж за успешно завршување на референдумот биле искажани на средбите што шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ги имал со претставници на Белата куќа и Сенатот, соопшти МНР.

Заменик-советникот за национална безбедност на САД Мира Рикардел упатила честитки за Договорот меѓу Македонија и Грција и за храброста и зрелоста покажана во политичкиот и дипломатскиот процес. Таа ја пренела поддршката на Белата куќа за членството на Македонија во НАТО и изразила очекување земјата наскоро да го добие заслуженото место на заедничката маса.

– Фактот што со нашите пријатели од Грција покажавме дека можеме да решиме децениски проблеми, зборува дека Балканот созрева и оди напред. Убеден сум дека македонските граѓани ќе знаат да ја искористат оваа историска шанса, рекол министерот Димитров.

Освен во Белата куќа, шефот на македонската дипломатија остварил средби и со Џин Шахин и Џејмс Риш, членови на Комитетот за надворешна политика во Сенатот на САД.

Тие го поздравиле постигнатиот договор и изразиле подготвеност за натамошна поддршка и поголема соработка во процесот, вклучително и преку меѓупартиската сенатска група за следење на проширувањето на НАТО. Била истакната и благодарност за придонесот на Македонија во меѓународните мировни мисии.

Поврзани новости