Министерот Адеми ги отвори овогодинешните Струшки вечери на поезијата

by fokus

Со традиционално читање на Константиновата Т`га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, вечерва почнаа 57. Струшки вечери на поезијата.

Министерот за култура Асаф Адеми ја истакна важноста на поезијата за народот, културата, државата, но и за човештвото воопшто.

– Како кај нас, така и насекаде во светот, местото од каде што допира светлината во нашите срца, највисоките културни и образовни институции најчесто носат имиња на поети. Оние кои поетот Дилан Томас ги опиша како бунтовници против мракот. Оние кои врескале низ вековите кога светлината сакала да си замине од човештвото, рече Адеми.

Говорејќи за значењето на манифестацијата, нејзината големина и важност, изрази уверување дека ќе даде се од себе за, како што рече, да се врати ореолот на поетите и на писателите наместо на институциите.

– Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет околу нас, ами и во нас. Како што говореше големиот Прличев: “тије се солта на општеството”. И онаму каде разумот остава рани, поезијата залекува. Онаму каде различностите знаат да поделат, поезијата знае да создаде прекрасен мозаик, истакна Адеми.

Затоа, подвлече министерот, Струшките вечери нека ја пуштат својата спокојна сила која само убавиот збор ја има меѓу нас, обичните луѓе, нека не натераат да го погледнеме светот како поетите.

Директорот на СВП Мите Стефоски потсети како настана фестивалот, напоменувајќи дека поезијата не познава и не признава никави граници.

Поврзани новости