Шефот на рускиот преговарачки тим со Украина Владимир Медински изјави денеска дека руската страна инсистира на „сеопфатен договор“ со Украина, каде освен неутралниот статус на Украина и безбедносните гаранции, ќе биде вклучени и точки кои се од витално значење за Руската Федерација.
-Малку е веројатно постигнување договор со Киев без демилитаризација, денацификација, признавање на Крим и Донбас, изјави Медински.
Медински посочи, дека и двете страни во преговорите се повеќе се приближуваат во разбирањето на помалку важните прашања, но додаде дека е постигнат ограничен напредок за клучните прашања.
Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, пак, соопшти дека преговорите со Русија се „многу тешки“. Тој порача дека Киев нема да отстапи од барањата.
-Украинската делегација зазеде цврст став и не отстапува од своите барања. Ние инсистираме, пред сè, на прекин на огнот, безбедносни гаранции и територијален интегритет на Украина – истакна Кулеба.