Мета е загрижен поради „стареењето“ на Албанија

by Фокус

Во Албанија во континуитет опаѓа стапката на наталитет, најголем пад е забележан во второто тромесечје од годинава што претставува повеќе од загрижувачка појава, оцени Илир Мета, доскорешен шеф на државата и актуелен лидер на Партијата на слободата.

Според него, оваа статистика уште еднаш ја одразува „кризата во земјава со стареењето на населението“.

„Депопулацијата ја намалува и старее Албанија. Уште еден негативен показател за 2022 година, каде во вторите три месеци се родиле 5.384 бебиња што е 14,8 отсто помалку споредено со истиот период лани“, пишува Мета во објава на Фејсбук.

Тој притоа го критикува проектот на владата за доделување бонус за секое новородено дете, што почна да се реализира од јануари 2019 година, поради нискиот износ.

„За младите семејства бонусите за бебе се многу ниски, додека корупцијата, невработеноста, ниските плати, недостапните цени на становите, лошиот квалитет на образованието и недостигот на перспектива го прават нивниот живот неподнослив“, напиша тој.

Мета ветува дека Партијата на слободата ќе има посебна програма за силна поддршка на младите семејства да градат иднина тука во Албанија.

Поврзани новости