Младите ни заминуваат, не се ни вртат назад

by Фокус

„Кецарошите“ сега мудруваат од тронот на моќта и делат парадоксални лекции за подобар живот. Ај што делат лекции, ама и „дебело“ ги наплаќаат

Пишува: Арбен ТАРАВАРИ 

Среќавам син на еден сосед. Исклучително умен и талентиран. Го прашувам како е, како се неговите. Вели, добро, но разочарани. Загрижени што нема работа за мене, загрижени што им е јасно дека, порано или подоцна, чарето ќе го барам надвор.

И, ми вели, „Не ми е сеедно, не сакам да ги оставам сами. Кој ќе биде со нив? Кој ќе им помага? Цел живот се труделе за мене, „инвестирале“ во моето знаење и за возврат ја гледаат мојата тага и неспокој. Колку и да го прикривам тоа, се забележува. Не сакам да ги боли мојата разочараност, подобро да се тргнам“.

Јануари, месец во којшто ти се чини дека ништо не се движи. Но, има нешто што не прекинува да се движи: иселувањето на младите луѓе од државата.

Трендот на заминување од државата е сè поголем. И така, додека политичарите си играат „бројки и букви“ во обидот да извлечат што е можно повеќе од колачот на моќта, младите, најважната сила за напредок во општеството, бегаат. Им ја предаваат својата татковина на коцкарите од власта.

Можеби и поточно ќе звучи ако речам дека младите не ја напуштаат Македонија за подобар живот, туку ја оставаат за да најдат живот.

ПРИЈАТЕЛОТ ИЛИ ВРСКАТА СО ПАРТИЈАТА

Соочувајќи се со притисокот на партиските школи и партиските вработувања, едвај успеваат да преживеат, додека властодршците упорно си тераат со една и иста реторика. Си кажуваат тие бајки за Европа и за модерните светови, заборавајќи дека најработоспособното население плови меѓу сиромаштијата и невработеноста.

Не дека овие млади луѓе не вложуваат во своето оспособување. Токму напротив, многумина од нив успеваат да се школуваат со последниот залак на родителите.

Но, што се случува по дипломирањето? Тука започнува уште (по)суровата реалност: дипломата нема никаква вредност ако не се со вистинската партија. Власта толку многу го поларизира вработувањето што не е ни важно кој, каде и што учел.  Важен е пријателот или врската со партијата.

И како да се чувствуваат младите? Како да не се разочаруваат гледајќи како најслабиот од класот станува директор, началник, па дури и министер?!

Не  е веќе за чудење кој сè може да добие моќ во државата. „Кецарошите“, како што ги нарекувавме, сега мудруваат од тронот на моќта и делат парадоксални лекции за подобар живот. Ај што делат лекции, ама и „дебело“ ги наплаќаат.

Друг начин да се вработи еден млад човек е да го „купи“ работното место или со пари или со гласови! Но, и ова не е конечен начин бидејќи партискиот прогон трае до последен ден. Е, затоа младите си заминуваат!

ДЕПРЕСИЈА И МЕЛАНХОЛИЈА

Оние кои не сакаат да станат адвокати и лекари, а имаат талент за други занимања, како што е занаетчиството, државата не ги зема предвид. Има толку малку можности за стручно оспособување, што младите не се ни трудат да сторат нешто околу тоа. И, ги разбирам.

Паметниот Запад со години применува стимулативни политики за младите, создавајќи училишта и програми каде што можат да се стекнат и да ги усовршат своите занаети, а тука преку ноќ се појавуваат казина каде што се ловат младите.

Да не речам, се учат да безделничат или, пак, да очекуваат дека некоја волшебност ќе им го подобри животот. Или, пак, тонат во анксиозност, депресија и меланхолија.

Зарем и понатаму ќе си дозволуваме да ги оштетуваме оние со најголем потенцијал? Оние што треба да ја градат иднината, сигурноста и развојот на ова општество. Оние коишто од нас, повозрасните, треба да учат како да придонесуваат за добробитта на општеството, а со тоа и за сопствената.

Македонија старее со извонредна брзина поради егзодусот на младите … старее како тело што го губи колагенот … нејзините брчки се патиштата што се сé попразни… тоа се куќите без светло…

Дојдоа времиња кога младите бегаат, јасно покажувајќи дека тие и власта не можат да седат на едно место. Време е младите да останат тука, а да си замине владата!

Поврзани новости