Младината веќе заминува на работа во Хрватска: Оваа сезона поголеми плати за работниците!

by Fokus

Голем број на млади лица од Македонија веќе заминаа на сезонска работа во Хрватска. Келнери, шанкери, готвачи, продавачи, собарки, хигиеничари, магацинери во поголеми маркети, се најчестите работни позиции кои им се нудат на нашинците покрај приморјето, но и во градови во внатрешноста на Хрватска.

Веќе неколку години наназад трае трендот да се помине работно лето во Хрватска и секоја година се повеќе млади Македонци ги пакуваат куферите.
Обезбедено сместување, топли оброци, како и плата која кај нас тешко може да се заработи, но и да се помине летниот период покрај море, финансиски независен од родители, е она кое повеќето го посочуваат како главна причина за заминувањето на сезонска работа.

Голем број на млади се упатија кон своите работни дестинации уште на почетокот на март, а најголем број на работници се очекува да пристигнат во Хрватска во мај и јуни, кога веќе сезоната започнува во полн ек.

Според искуствата на наши соговорници кои изминативе години работеле на хрватското приморје, платите им се движеле од над 1.000 евра за келнери, собарки, продавачки, хигиеничари, помошници во кујна, па се до над 2.000 евра за готвачи во ресторани.

Годинава, според договорите со фирмите кои ги вработувале, било очигледно зголемувањето на платите.

-Од 1.300 евра, па нагоре, во зависност од работната позиција. На продавачи, собарки и рецепционери им е понудена таа сума, плус сместување и храна. Платите на келнерите годинава ќе се движат околу 1.400 евра, додека најплатени се готвачите во ресторани. До лани, повеќето готвачи добиваа месечно околу 2.000 евра, се очекува и тие да добијат покачување оваа сезона-велат наши соговорници кои се подготвуваат да заминат на работа во Хрватска.

Додаваат дека кога на платата ќе се додадат и трошоците за храна и сместување, кои ги подмирува работодавачот, се добива сума нешто помала од 2.000 евра, а тие пари не би можеле да ги заработат во Македонија за еден месец, без оглед дали би работеле како келнери, собарки, продавачи…

Според податоците на Хрватската служба за вработување (ЦЕС), во периодот од почетокот на 2023 година до крајот на ноември се издадени 147.593 позитивни мислења за престој и работа на странски работници.

Најголем е интересот за работа во хотелиерството и угостителството, и освен голем број на студенти и млади лица од земјава, се почесто заминуваат и цели семејства кои остануваат до крај на сезоната, односно до октомври.

Вики Клинчарова

 

 

 

Поврзани новости