Димова за „Фокус“: Заев во присуство на Исмајлоска од мене побара да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

by fokus

Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми, Лидија Димова во изјава за „Фокус“ со име и презиме кажува кој ѝ вршел притисок да ја повлече пријавата што ја поднесе за проневера на 2,2 милиони евра европски пари.

Во изјава за неделникот таа се навраќа на кривичната пријава што ја поднела во декември 2019 година за злоупотреба на 2,2 милиони евра.  Ја поднела лично до тогашниот републички јавен обвинител Љубомир Јовески и ги замрзнала исплатите на сите спорни проекти од пријавата.

– Во април 2020 година, од владата ми беше доставен „поздрав“ со листа на проекти што требаше да ги „пуштам“. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев – во присуство на Нола Исмајлоска – од мене побара да ја повлечам кривичната пријава.

Во октомври бев разрешена поради „неетичко однесување“ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година, Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата.

Во следните неколку месеци, новиот директор на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиони евра – вели Димова за „Фокус“.

Дека ОЛАФ бара државата да врати повеќе од 2,2 милиони евра злупотребени европски пари за „Еразмус плус“, вчера потврди и сегашниот директор на Агенцијата кој кажа дека известувањето стигнало уште во ноември, а парите биле проневерени од 2016 до 2018 година.

За Димова единствена среќа во цел овој случај е тоа што Брисел бил запознат и додека во кај нас исчезнувале документи и повторно се појавувале, ОЛАФ си работел.

За среќа, Брисел беше запознат со случајот и веднаш ја почна истрагата. Додека во Македонија исчезнуваа документи, па повторно се појавуваа, ОЛАФ си ја бркаше работата.

Обвинителството не виде поврзаност меѓу мојот случај (злоупотреба на европски средства) и случајот со 2,2 милиони евра, и покрај моето инсистирање… не знам дали сега ќе види. Апсурдот е што обвинителството ме гони за злоупотреба на европски пари, а ОЛАФ тврди дека јас не сум направила злоупотреби.

Она што ОЛАФ го бара е 2,2 милиони евра од проневерата што ја открив јас, а не наводни средства за кои ме товари обвинителството мене – вели Димова.

Нејзината голгота трае од октомври 2020 до денеска. И го одзеле пасошот, а секој понеделник се пријавува во суд за, како што вели, да ѝ го обелам образот на владата дека, сепак, фатила некој „успешен криминалец“.

– До кога ќе трае ова, не знам. Осудени криминалци кои претходно биле отфрлени за сведоци, сега Судот ги прифаќа да сведочат против мене. До каде ќе оди тоа, не знам… ќе видиме! Можеби некој новинар, сепак, ќе се дрзне да истражи до крај каде исчезнаа „тренираните магариња“ и „фризерницата“ од пријавата – вели Димова.

„Фокус“ го контактираше поранешниот премиер  Заев за коментар на тврдењата на Димова, но тој не одговори на нашето прашање.

Исмајлоска пак ја прашавме дали се точни информациите дека таа побарала од поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова да ја повлече кривичната пријава за злоупотреба на 2,2 милиони евра европски пари.

Исто така, ја прашавме и дали на влада се дебатирало за враќањето на 2,2 милиони евра што ги бара ОЛАФ.

– Тоа е целосна невистина. Категорично ја отфрлам како неточна таа информација. Ниту како национален координатор, ниту во кое било друго својство не сум барала повлекување некаква пријава.

Ме изненадува вакво прашање, бидејќи ниедна функција што сум ја извршувала, немала ингеренции за прашања од ваква природа – ни одговори Исмајлоска.

Пред девет години, во 2007 година беше основана Националната агенција за европски образовни програми и мобилност под капата на Министерството за образование, на чие чело седна Бошко Нелкоски од Струга, тогашен член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ кој се поврзуваше токму со Исмајлоска.

Новинарот-фриленсер кој е соработник на порталот нота.мк, Александар Методијев, во серија текстови обелодени дека Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра, пари кои биле наменети за проекти во Македонија, а биле злоупотребени.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Пресврт во случајот со европските пари – Лидија Димова беше линчувана за „фризерниците“ и „магарињата“, а ОЛАФ бара да се вратат 2,2 милиони евра од нејзината пријава!

Поврзани новости