Млада жена удрена од возило во центарот на Неготино, возачот побегнал

by Fokus

Во тек на вчерашниот ден во центарот на Неготино, односно на крстосницата на улиците ,,Маршал Тито” и ,,Партизанска”, се случила сообраќајна несреќа.

Како што информираат од СВР Велес, 32-годишната А.П. од неготинско село се пожалила на повреди, кои според нејзиниот исказ биле резултат на сообраќајна незгода која се случила во 17.55 часот на крстосницата, на пешачки премин.

Таа била удрена од Рено Кампус со неготински регистарски таблички, управувано од А.М. (70), кој го напуштил местото на настанот, и се работело на расчистување на случајот.

Како што раскажаа очевидци на настанот за ,,Фокус”, жената се жалела на повреди на ногата и била повикана Итна медицинска помош.
Возилото набргу било пронајдено паркирано пред ресторан во близина на местото на настанот, а возачот бил внатре во ресторанот.

Од СВР Велес најавија повеќе детали за настанот во понеделник.

Улиците ,,Маршал Тито” и ,,Патризанска” во Неготино се познати по брзото возење и по големиот број на незгоди кои таму се случуваат. Доста се фреквентни и само во изминативе неколку месеци тамошните жители сведочеа на десетици сообраќајни несреќи.

Граѓаните во голем број на наврати апелираат до градските власти за поставување на легнати полицајци или било какви други успорувачи на брзини, се бараше да се изгради кружен тек на раскрсницата помеѓу овие улици, или пак повторно да се стават семафорите во функција, но сите апели, барем досега, завршуваат без реакција.

Дури и пешачките премини кои се речиси целосно избришани, во таква состојба се наоѓаат со месеци наназад.

Вики Клинчарова

Поврзани новости