Млада лавица оставена покрај пат во Србија, лавовите во Македонија две години не можат да се најдат!

by fokus

Во близина на Суботица, соседна Србија, случаен минувач покрај патот пронашол млада лавица. Станува збор за животно старо околу шест месеци, кое било питомо, и моментално било однесено на преглед во ветеринарна станица.

Како што информираат српските медиуми, на самото место веднаш излегле екипи од ЗОО Палиќ, кои потврдиле дека лавицата не потекнува од нивната зоолошка градина и не знаат како се нашла таму.

Јавноста во регионот се сеќава на случајот со црниот пантер, кој повеќе очевидци го фотографираа и снимија првин во близина на Апатин, а потоа и во појужните делови на Србија. Тој беше забележан лани во ноември, а првичните претпоставки беа дека се работи за животно кое дошло од Унгарија, каде неколку месеци претходно било снимено.

До денес не се знае судбината на црниот пантер, но унгарските зоолошки градини тогаш потврдија не станува збор за животно од ниту една зоолошка, туку најверојатно пантерот бил илегално донесен и чуван во земјата, што е спротивно на закон индивидуалци да одгледуваат и чуваат егзотични предатори.

И во Македонија имаше слични случаи кои ја вознемирија јавноста кога во септември 2021 година социјалните мрежи ги преплавија фотографии од мали лавови со кои позираа лица од Скопје и Куманово.

Граѓански здруженија за заштита на животните тогаш побараа итна истрага за илегалното внесување на диви животни во земјава и прашуваа што ќе биде со лавовите кога ќе пораснат.

Кратко потоа од МВР информираа дека едно лице на возраст од 31 година од Куманово било приведено поради сомнение за кривично дело „неовластено ловење, чување и отуѓување на диви животни“, а поврзано со случајот со малите лавчиња.

Бил извршен претрес на три локации во Куманово, но малите лавови не беа пронајдени, а против кумановецот беше поднесена кривична пријава.

До денес не се знае судбината на лавовите, кои сега веќе би требало да се возрасни и да имаат тежина од околу 200 килограми. Дали слободно шетаат низ нашите шуми или пак го продолжиле патот кон потоплите краеви, останува отворено прашање.

Сомнежот дека можеби слободно се движат низ нашите шуми останува, а лани во ноември загрижени велосипедисти реагираа до ,,Фокус” дека покрај регионалниот пат Неготино – Штип, на Серта, забележале делови од раскината дива свиња.
Прашуваа какво диво животно би можело да нападне и раскине дива свиња, а според одговорите на ловџии со кои разговаравме, во земјава нема диво животно кое би можело да нападне и убие дива свиња, бидејќи е крупно и многу брзо животно со тежина од околу 150 килограми.

ФОТО: Билјана Вучковиќ

Вики Клинчарова

Поврзани новости