На случајот со сексуалната злоупотреба на 12-годишното девојче, меѓу другото, се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од денешната владина седница, истакнувајќи дека „сите кои треба да одговараат, ќе одговараат во правдата“ и паралелно потсети дека Владата веќе има одобрено Националниот акциски план против злоупотреба на деца, јави дописничката на МИА од Атина.
Истакна дека сексуалната злоупотреба на децата е „чума на денешницата“ и станува збор за „громорозни злосторства“, но додаде дека полицијата работи на расчистување на случаите и упати критики до оние кои на целиот случај му придаваат политичка димензија.
Потенцираше дека она што сега е важно е дека овие „хорор банди“ се разбиваат, а „казната е строга колку што дозволува законот“, но посочи дека уште поважно е справувањето со повторни вакви појави во иднина, како и справувањето со последиците „за ранетите души на оние деца кои стануваат жртви на вакви грозоморни дела“.
Мицотакис потсети дека уште пред да биде откриен случајот со 12-годишното девојче, Владата го одобрила Националниот акциски план против злоупотреба на деца, кој вклучува 12 министерства и соработка на локалната самоуправа, а следната седмица ќе биде детално презентиран во Парламентот.