Ладнокрвното убиство на новинарот Јоргос Карајваз го шокираше целото општество. Се сретнав со министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис за да побарам брзо расчистување на случајот. Ме увери дека грчката полиција вложува максимални напори да ги пронајде виновниците, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на социјалните мрежи по средбата со надлежниот министер, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата на Мицотакис со Хрисохоидис е по вчерашното убиство на 52-годишниот грчки новинар, кој кусо по 14 часот беше застрелан пред неговиот дом од две лица, кои откако испукале најмалку десет куршуми, со мотор побегнале во непознат правец.
Министерот за цивилна заштита на Грција истакна дека станува збор за громорозно злосторство, а статусот новинар „му дава посебна тежина на случајот“.
-Пред малку се сретнав и го информирав премиерот. Со неговата експресна наредба, истрагите ќе бидат забрзани. Според сите статистички податоци, Грција е земја со многу ниска стапка на убиства низ цела Европа. Грција е безбедна и мирна земја. Грчката држава, грчката демократија придаваат големо значење на слободата на медиумите и заштитата на правата, истакна Хрисохидис и додаде дека грчката полиција ќе дејствува многу брзо и ќе ги пронајде сторителите.
Првичните процени на полицијата, според грчките медиуми, се дека станува збор за добро смислено и веројатно нарачано убиство, додека пак балистичката анализа покажала дека оружјето било „чисто“, односно не е поврзан со друго криминално дело во минатото.
Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека новинарот имал десет повреди на телото и главата, а во текот на денот ќе се изврши и обдукција на телото, за да се одреди со колку куршуми бил застрелан.
Карајваз беше познат и искусен новинар, кој долги години следеше црна хроника и покриваше теми поврзани со полицијата, за истите теми имаше информативен портал, а паралелно работеше во претпладневна емисија на телевизијата „Стар“.
За убиството на новинарот, преку Твитер, синоќа реагираше и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, која рече дека е одвратен и кукавички чин, истакна дека новинарите мора да можат безбедно да работат и изрази надеж дека криминалците набргу ќе бидат изведени пред лицето на правдата.