Нова демократија останува на позицијата дека нема да гласа за Договорот од Преспа и ќе се бори за да не се ратификува.
Овој став уште еднаш го повтори лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Киријакос Мицотакис, говорејќи за време на промоцијата на новата книга на потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис.
Мицотакис рече дека тие уште од прв момент изразиле несогласување и приговори за Договорот.
-Рековме дека не можеме, во никој случај да прифатиме договор кој на соседната земја и отстапува македонски јазик и македонска националност. Се плашам дека апсолутно беше оправдана оваа наша критика и остануваме строго посветени на оваа наша позиција. Ќе гласаме против Договорот од Преспа, кога и да дојде во грчкиот Парламент и ќе се бориме за овој договор да не се ратификува, објасни Мицотакис.