453
Претседателот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во неговиот говор во Парламентот за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа, порача дека тој како премиер би го искористил правото на вето на патот на Македонија кон Европската унија, јави дописничката на МИА од Атина.
-Процесот за интеграција на Скопје во ЕУ не е поврзан со Договорот од Преспа. Грција може во кој било момент да стави вето во процесот на интеграција на Скопје во ЕУ и ова право на нашата татковина одбивам да го напуштам, порача Мицотакис.
На почетокот на неговиот говор што траеше еден час, рече дека Договорот од Преспа не требаше никогаш да биде потпишан и „секако, никогаш не требаше да дојде во грчкиот Парламент за ратификација, бидејќи претставува национален пораз”.
Мицотакис спомена седум вистини за тоа дека Грција направила отстапки во Договорот од Преспа.
Лидерот на Нова демократија, сепак, рече дека мора да биде искрен дека ако Договорот се ратификува, тогаш не може да се поништи бидејќи има посилна моќ од кој било закон и затоа од парламентарната говорница ги повика пратениците, како што рече, да го кажат големото „НЕ” на утрешното гласање за ратификација на Договорот од Преспа.