Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски упати честитка по повод денешниот празник Велики Поклади-Прочка до поглаварот на Македонската Православна Црква–Охридска Архиепископија, архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Мицковски, во честитката, посочува дека признавањето на слабостите и барањето прочка за нив, го прават човекот посилен за да се спротивстави на сите предизвици и премрежија.
„Нека спокојот и мирот владеат во секој наш дом, а трпението и богоугодните мисли ни дадат божја мудрост како да ги пребродиме мрачните времиња кои му се закануваат на секој од нас и на нашата Татковина Македонија. Да си подадеме рака, брат на брат, сосед, пријател и ближен и да се сплотиме да си ги простиме грешките и од нив да изнесеме поука зошто само така ќе покажеме дека светоста на љубовта кон својата Татковина Македонија секогаш може да го победи мракот“, напиша Мицковски во честитката.