Ако Европската Унија е задоволна од постигнатиот договор со Соединетите Американски Држави (САД), а тоа е очигледно од изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тогаш и ние сме задоволни, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа какви импликации ќе има трговскиот договор што вчера се постигна меѓу ЕУ и САД врз македонската економија.
Мицкоски посочи дека се очекува неделава да биде завршен целиот процес на преговори меѓу македонски и американски авторитети за царинските стапки, додавајќи дека досега веќе се одржале три рунди на преговори.
„Последните преговори се одржаа во петокот, а се водат со претставници на многу институции во рамки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји. Очекувам убави вести за македонските граѓани, за македонските извозници во САД. Но, да почекаме од Вашингтон да дојде веста“, рече Мицкоски.
Премиерот на почетокот на месецот рече дека земјата е веќе во процес на преговори за царините од 30 отсто што американскиот претседател ги најави од 1 август.
Претседателката на Европската комисија и американскиот претседател вчера постигнаа договор што предвидува царина од 15 отсто за повеќето производи од ЕУ, како и обврска ЕУ да купи енергенси од САД во вредност од 750 милијарди долари и дополнителни 600 милијарди долари инвестиции во американската економија.