„Јасен е исходот на 24-ти април, јасна е пораката на народот дека опозицијата треба да ја составува Владата. И ние конечно во Македонија мора да го напуштиме на принципот на шведска маса во политиката, не може сега една политичка партија да биде континуирано повеќе од 20 години малку со едната, малку со другата и така цело време да манипулира со граѓаните и со гласачите. Цениме дека треба да се даде шанса на опозицијата бидејќи јасна е пораката на граѓаните“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во емисијата „360 степени“ на МРТ.
Тој посочи дека има многу малку гласови кои што ја поддржуваат работата на Владата.
„Ако ги поделиме на провладини и антивладини гласови тогаш јасно е дека според провладините гласови кои што се за провладините кандидати се поразени на овие избори. Значи има опозициско расположение. Граѓаните во Македонија сакаат да видат Влада која што ќе ја формира опозицијата“, рече Мицкоски.
„Јасен е принципот во демократијата, тој што ќе формира 61 пратеник, тој ја формира Владата. Барем така важеше во 2017-тата правилото“, потсети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека е убеден дека ќе има мнозинство од 61 пратеник во Парламентот и Бадентерово мнозинство.
„Многупати во политиката ја користам и математиката, и сега кога повторно ја користам математиката и направиме споредба што очекуваме да се случи сега и што се случи во 2006-тата ќе видите дека се различни работи. Ајде да направиме освежување на меморијата од 2006-тата, тогаш ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводеше имаше 45 пратеника, на тие се придадоа 6-7 пратеника од Новата социјалдемократска партија на Тито Петкоски и 11-те пратеника на ДПА. Ако се сеќавате тогашниот претседател на ВМРО Народна Љубчо Георгиевски рече еве јас имам како партија 6-7 пратеника ќе ја поддржам, така да не правете Влада со ДУИ. И имаше еден таков контекст. А, јас сега зборувам за многу посилен резултат од кој што би го имала Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 44-45 пратеника, и ваков трилинг или квартет нема да биде потребен во Владата. Можеби ќе биде добро да имаме трилинг или квартет за 2/3 мнозинство доколку тоа е потребно имајќи в предвид дека имаме навистина амбициозна агенда за одредени реформи. Но, имајќи го в предвид новиот собраниски правилник на Деловник на работа, имајќи в предвид резултатот кој што очекувам дека ќе го има Коалицијата „Твоја Македонија“ мислам дека не треба да се прави споредба и не може да се прави споредба бидејќи математички е поразлично тогаш и сега“, појасни Мицкоски.
Тој нагласи дека ДУИ ќе обвинува, но тоа е политика, тоа е легитимна алатка во политиката.
„Но, јас колку што знам ДУИ формираше коалиција и во таа коалиција покрај ДУИ како албанска политичка опција имаат и бошњачка партија, има и турска партија, има и ромска партија или ромски претставник не знам дали Курто Дудуш има своја партија. Легитимен претставник е еден албански политички блок, тоа е коалицијата Влен“, рече тој.
Мицкоски укажа дека е време ДУИ да оди во опозиција. Предолго време оваа партија е на власт. Треба да се даде шанса и можности на другите да се истакнат.
„Има многу работи што ценам дека треба да се променат на политичката сцена во Македонија, објективно кога ќе го прашате народот, граѓанинот во Македонија и тука не мислам на етничка припадност Македонци, Албанци и останати, огромно мнозинство би рекол 3/4 мнозинство се за тоа да ДУИ оди во опозиција“, додаде Мицкоски.