Мицкоски ветува за 50 отсто почист воздух во Македонија

by Fokus

Инвестирањето во екологијата и во енергетиката подразбира инвестирање во здравјето на сите и во иднината на сите, рече на прес конференција претседателот на ВМРО – ДПМНЕ,Христијан Мицкоски.

„За жал имаме комплетен застој цели три години. Имаме порази наместо победи, имаме кочења на проекти, наместо реализација, имаме виткање на кичма наместо исправање.

Ветуваа алпски чист воздух, а добивме држава со најзагаден воздух во светот. Ветуваа гасификација добивме нула реализација. Празни хидроакомулации, загуби и скапи ремонти за повеќе пари во фирмите блиски на власта. Загадениот воздух го одзема здравјето, нашата иднина. Власта тргува со она што е најскапо за секој еден човек. А, тоа продолжува да носи порази на земјата.

Мора работите да се променат, мора да се инвестира во здравјето, но и во енергетиката, тоа е нашата иднина.

Затоа денес ќе презентирам што подразбира обновата кон која се обврзуваме во енергетиката и екологијата. Се разбира тоа се дел од проектите и политиките кои што идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги води. Подетално и поопширно во програмата која што ќе биде дел од предвремените парламентарни избори.

Се обврзуваме на обнова која подразбира енергетска обнова на домовите на граѓаните. Односно овозможување секое семејство да дојде до нова фасада и оков на својот дом при што за инвестицијата половина ќе покрие државата, односно 50-тина проценти е на трошок на државата. Фактичката состојба покажува дека многу од домовите на граѓаните се енергетски неефикасни, или воопшто немаат фасада, а нивната обнова пак или изградба на фасада чини пари.

Затоа се обврзувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе финансира половина од трошоците за изградба на нова енергетска фасада и замена на ефикасен оков во домовите. Со оваа мерка ќе се намали непродуктивното користење на енергијата, а тоа пак ќе придонесе за заштита на животната средина. Тоа за граѓаните ќе значи топол дом на зима, и ладен на лето и секако она кое што е најважно пониски сметки за топлинска енергија и заштеда на нивните семејни буџети и повеќе пари за семејствата.

Ова е проект кој што подразбира заживување на градежната индустрија, намалување на специфичната потрошувачка на енергенси за затоплување на домовите за индивидуално и колективно домување, но истовремено подразбира и заштита на животната средина. На прашањето зошто, затоа што ние како држава сме пет пати понеенергетски неефикасни од тоа што е просекот во ЕУ. Односно трошиме 5 пати повеќе енергија за затоплување на домовите од тоа што се троши во ЕУ. Тоа значи дека повеќе имаме емисија на штетни честички во воздухот и поголемо загадување на животната средина“, истакна Мицкоски.

Поврзани новости