Најавите на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов дека треба да се руши Универзална сала, предизвикаа бурни реакции кај јавноста.
Многумина сметаат дека тоа ќе биде лош потег, затоа што сите имаат убави спомени од младоста и сите настани одржани во оваа култна сала.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека рушењето на оваа сала не е опција.
„Универзалната сала е плод на солидарноста и еден од симболите на Скопје. И Скопје не секогаш ги имало најдобрите решенија, но секогаш имало душа и срце за големи работи. Салата не е само објектот, туку и спомените на скопјани и нема роден скопјанец чиешто детство и младост не се поврзани со Универзалната сала. Затоа нејзиното рушење не е опција. Ако некој сака да остави белег во Скопје, тогаш тоа нека бидат работите кои ќе ги создаде за Скопје, а не оние кои ќе ги руши“, вели Мицкоски.