Единствено нешто за кое се грижи Петре Шилегов е зголемување на својот личен имот, а лагите за тунелот под Кале, Луна паркот и мостот кој завршува во нечија дневна соба, покажува само дека аматеризмот на Шилегов е поголем од неговото неработење, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митингот во Центар.
-Сообраќајниот хаос е последица на тоа што градот Скопје престана да се развива. Скопје 4 години се дави во смет, во хаос, бетон и лажни надежи на градскиот татко. Единствено каде вистински се потрудија градоначалниците од власта е во нивната трка за зголемување на личниот имот, каде Шилегов е шампион – посочи Мицкоски.
Тој додаде дека вистинското решение за Центар е професорката Наташа Котлар, која, според него, е одмерена и паметна жена.
-Во нејзе знаете дека имате поддршка за вашите потреби, човек кој е надвор од секакви пактови со нечесни бизнисмени, задни намери во политиката, човек кој домаќински ќе управува со вашите пари. Жена со интегритет, жена која има принципи – вели Мицкоски.
Тој порача дека Котлар одбрала да се бори кога, како што рече, многумина се повлекле.
-Професорката Котлар одбра да се бори, кога морам да признам многумина се повлекуваа. Така е и денес за Центар, одбра да се бори кога многумина викаа дека е невозможно да се добие довербата зошто Центар бил упориште на власта. Котлар покажа дека Центар гласа независно од се друго – рече Мицкоски.