Интервју со Димитриевски: На Заев му кажав дека ќе одам независно уште пред да соопштам во јавност

by fokus 17:50
17:50

Актуелниот градоначалник и независен кандидат за Куманово, Максим Димитриевски ги повикува гласачите од сите политички партии кои не влегоа во втор круг, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ,  ДОМ/ЛДП да гласаат за него во вториот круг. Во интервју за „Фокус“, Димитриевски зборува за притисоците со кои се соочува тој и неговите поддржувачи од страна на МВР и тврди дека Спасовски го злоупотребува Министерството за партиско-политички цели

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ФОКУС: На 17 октомври славевте победа на плоштадот во Куманово. Сепак официјалните податоци покажаа разлика од 22 гласа меѓу Вас и противкандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски. Дали тоа што влеговте во втор круг е успех за Вас?

ДИМИТРИЕВСКИ: Задоволен сум од резултатите во првиот круг, затоа што граѓаните се изјаснија дека сакаат да продолжи развојот во Куманово. Тие се изјаснија дека локалните политики кои ги имплементираме за подобрување на квалитетот на живот на кумановци мора да продолжат и понатаму. Оваа изборна трка воопшто не беше лесна, затоа што секој од против кандидатите на свое конто имаше обезбедено партиски поддржувачи, симпатизери и членови. Оливер Илиевски ја имаше базата на СДСМ, Тони Михајловски на ВМРО-ДПМНЕ, Теодора Димитриевска на ДОМ/ЛДП, а пак зад Беким Салиу застана Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

ФОКУС: Дали Вие имавте некаква партиска поддршка ?

ДИМИТРИЕВСКИ: Како независен кандидат за градоначалник јас немав т.н „грб позади мене“ кој ми е поддршка уште пред да почне трката. Влегов сам со мојот тим во трката и не поддржаа граѓаните, затоа што веруваат во концептот „За наше Куманово“, кој значи концепт на слободни граѓани, на слободна волја и мисла, концепт на остварливи проекти и идеи кои Куманово треба да го направат подобро место за живеење. Во изминатите четири години реализиравме повеќе од 400 проекти, а граѓаните проценија дека работиме вредно и одговорно со вистинска грижа кон секој кумановец, без поделби и освети. Во Куманово 30 години на власт е СДСМ, кој важи за град бастион на социјалдемократијата. Како независен кандидат извојував победа во оваа општина, а поддршка добив од сите граѓани. Со оглед на тоа што се соочувавме со голем број на притисоци, а имавме и многу мал буџет како граѓанска иницијатива за разлика од големите партии, успеавме да извојуваме победа.

ГИ ПОВИКУВАМ ГЛАСАЧИТЕ НА ВМРО ДА ГЛАСААТ ЗА МЕНЕ

ФОКУС: Дали очекувате поддршка од гласачите што гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, дали би седнале на преговори на локално ниво со Тони Михајловски и дали преговорате за гласовите на другите партии кои не влегоа во вториот круг, како ЛДП/ДОМ, Левица и др.?

ДИМИТРИЕВСКИ: Во Куманово ќе победат кумановци, без оглед на нивната етничка, партиска или каква било друга припадност. Како градоначалник работам за секој граѓанин, заеднички ги решаваме проблемите и сакам тие да имаат подобар живот. И во следниот мандат ќе продолжам со ваков пристап, затоа што општина Куманово е на сите граѓани и таа мора подеднакво да им служи на сите. Ги повикувам сите граѓани, но и оние кои се симпатизери и членови на политичките партии да ни дадат шанса да продолжиме со реализацијата на локалните политики во Куманово. Ги повикувам и СДСМ, и ВМРО-ДПМНЕ, и ДОМ/ЛДП, и ДУИ, и Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива да не поддржат на 31-ви октомври. Ветив дека по победата на локалните избори ќе ги разгледам програмите на моите против кандидати и ќе ги инкорпорираме добрите проекти во една програма која ќе биде за добробит на на сите кумановци. Вреди заеднички да ги туркаме процесите кои значат прогрес и напредок.

ФОКУС: Ако преговарате со ВМРО-ДПМНЕ, како ќе течат преговорите со оглед на тоа дека токму вие бевте жртва на упадот во Собрание на 27 април?

ДИМИТРИЕВСКИ:  На 27-ми април 2017 години жртви бевме сите ние, жртва беше и демократијата во земјава. Со ВМРО-ДПМНЕ нема да почнеме преговори, но ги повикувам сите граѓани, вклучително и симпатизерите и членовите на оваа партија, како и од останатите партии на 31-ви октомври да ни ја дадат довербата затоа што имаме за цел да им служиме на граѓаните, да бидеме нивен сервис кој ќе испорачува резултати.

ФОКУС: Кога и како се јави аномозитет меѓу Вас и Оливер Спасовски? Тоа долго време се зборуваше по кулоарите, а сега тој анимозитет излезе на виделина. Вие дури и јавно го обвинувате Спасовски дека преку МВР ви прави притисок? 

ДИМИТРИЕВСКИ: Целиот овој период се соочуваме со разни притисоци од страна на поединци од власта кои ги злоупотребуваат државните институции. За жал овие притисоци кон мене како кандидат за градоначалник, но и врз моите соработници не само што не престануваат во изборната кампања, туку тие се повеќе се зголемуваат. Уште на самиот почеток информиравме дека се соочуваме со страшни притисоци како граѓанска иницијатива, но и апелиравме дека се врши притисок врз кумановци, врз вработени во јавната администрација, во средните и основни училишта, врз членови и симпатизери на Социјалдемократскиот сојуз. Од централната власт и поединци од раководни позиции не напаѓаа дека сме ги злоупотребувале институциите во пресрет на изборите. Лажно ги претставуваа работите, но со докази излеговме дека токму тие вршат злоупотреба на својата позиција. Обелоденивме со докази дека испраќаат смс пораки и вршат притисок на вработени во државните институции за да доставуваат списоци со 10 до 15 гласачи.

ФОКУС: Што е со снимките коишто излегоа во јавноста?

ДИМИТРИЕВСКИ: Злоупотребуваа наши кандидати за советници со снимки. Поднесовме пријава за обид на изнуда на средства од кандидат во време на изборен процес. Во снимката која излезе во јавноста јасно се виде дека станува збор за притисок и организиран напад врз наши советници, како и обид за изнудување на парични средства кои директно ги одбивме. Министерството за внатрешни работи овие недели е злоупотребено за партиско политички цели од нејзиниот министер Оливер Спасовски. Всушност, ние до денеска не знаеме кој е кандидатот за градоначалник на Куманово. Дали тоа е Оливер Илиевски или Оливер Спасовски? На сите средби со граѓани одат заедно, Оливер Спасовски зборува, а Оливер Илиевски аплаудира.

НЕ РАЗМИСЛУВАМ ЗА НОВА ПАРТИЈА

ФОКУС: Дали после локалните избори размислувате да формирате партија со други „отфрлени“ од СДСМ, како Петар Атанасов, Стојко Пауновски и други кои ви дадоа отворена поддршка?

ДИМИТРИЕВСКИ: Не размислувам за формирање на партија со т.н отфрлени членови од СДСМ, затоа што јас сум социјалдемократ по убедување со социјалдемократски вредности. Член сум на СДСМ од 1995 година. Партијата ја почитувам, сум се вградил во неа. Но, за жал, денеска сме сведоци на партија која прерасна во акционерско друштво која и првиот и последниот збор го има еден човек. Нема дебата, нема спротивставени мислења, нема носење на одлука која е донесена преку дебата. Ова ќе го променам, затоа што во секоја партија мора да има демократија со слобода на изразување, со почитување и вреднување на спротивставено мислење.

ФОКУС: Дали судирот со раководството на СДСМ Ви е чисто од концепциски причини или постојат и други причини? Точно ли е дека сте имале амбиции да бидете потпретседател на СДСМ или министер за одбрана?

ДИМИТРИЕВСКИ:  Ја сум социјалдемократ. Таа партија е моја партија. Но, не е во ред да се измислуваат приказни бидејќи вистината е една независно кој каква приказна пласира. Со поединци од раководството на партијата имам различни ставови, но тие ги кажував јавно пред нив како и во јавност. Јас сум човек што има искрен однос и не игра нечисти игри. Таков и ќе останам.

НА ЗАЕВ МУ КАЖАВ ДЕКА ЌЕ ОДАМ КАКО НЕЗАВИСЕН

ФОКУС: Дали откако почна кампањата се слушнавте со Заев и во какви односи сте, дали мислите дека СДСМ е на пат да стане режимот против кој се бореше?

ДИМИТРИЕВСКИ: Се боревме против режим со слоганот „Нема правда, нема мир“. Нема да има мир, додека нема правда. И нема да има демократија додека нема мир и правдина. Јас и со Заев имав искрен однос, мојата намера да одам како независен кандидат му ја кажав лично пред да излезам во јавност. Јас директно ги кажувам работите, не сум класичен политичар кој прави калкулации со кажаниот збор. За мене една е калкулацијата – вистината мора да се каже, а сопствениот став треба да се каже јасно за да нема недоразбирања. Во Куманово сега се случуваат страшни сценарија од страна на МВР и Оливер Спасовски и тоа личи на се, ама не на демократија за која се боревме.

ФОКУС: Што се случи кога Ве запре полицијата, вашиот противкандидат Ве обвини дека сте возеле на „диво“ и кола со затемнети стакла, а МВР вршеле редовна контрола?

ДИМИТРИЕВСКИ: Во вторникот кога тргнав да одам кај мојот матичен лекар бев следен низ неколку улици во Куманово од возило на Министерството за внатрешни работи подолг временски период, директно од возачот на началникот на СВР Куманово Стојанчо Величковиќ. На улица „Лесковачка“ не застанаа мене и лицето коешто во тој момент ме придружуваше. Не застанаа без никакво образложение и ни ги земаа документите. Со одземени документи, како да сум најголем криминалец се упативме да спроведат наводно вршење на технички преглед на возилото. Напред возило на МВР со вклучени ротациони светла, а јас со уште едно лице позади нив возеше по истиот правец. Возилото не е службено, тоа е возило на лизинг компанија, со коешто имаме договор на користење и го користиме со полномошно. Државни ресурси не употребуваме во изборниот процес. Возилото е ново и технички исправно, со уредна документација согласно сите законски нормативи и прописи. На „диво“ не сум возел, затоа што бев сопатник. По извршената проверка добивме казна за затемнето стакло на возилото, иако истото е внесено во сообраќајната и тука нема ништо незаконско. Но, мора да се оправда застанувањето и следењето некако.

ФОКУС: Што очекувате ако победи СДСМ во Куманово, дали очекувате некаква одмазда против Вас?

ДИМИТРИЕВСКИ: Во Куманово убеден сум дека ќе победат граѓаните и концептот „За наше Куманово“. Во 21 век, во политиката повеќе не поминуваат дејствијата со закани и местенки за добивање на политички поени. Граѓаните сакаат да слушнат што ќе биде сработено во следните четири години. Граѓаните сакаат да бидат сигурни дека ќе имаат градоначалник кој вистински ќе се грижи за нив. Доколку не бидат спроведени проекти кои значат квалитетен живот тогаш ќе ја изгубиме нивната доверба и нема да не гласаат на избори. Политиката е натпревар на идеи и визии за подобрување на состојбите, а не за црна пропаганда. Време да ги засукаме ракавите и да работиме, затоа што граѓаните не одбрале да им служиме. Куманово мора да биде европско и модерно место за живеење, кое ќе биде гордост на кумановци. Јас одбирам да работам и да реализирам проекти за доброто на граѓаните.

Поврзани новости