Премиерот Христијан Мицкоски верува дека зад случајот со Ива Михајлова се крие политичка позадина за да и се нанесе штета на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е синхронизирано со опозицијата во земјава.
– Она што мене повеќе ме загрижува е состојбата што на ниво на хистерија ја направија одредени медиуми и политичари кај нашиот источен сосед. Не се проблемот односите меѓу двете држави, туку да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ и на мене затоа што на овој начин покажувајќи некаков тип на политички мускули во координирана акција и јавна дебата со македонската опозиција, и тоа е очигледно. И македонската опозиција ќе прави политички притисок врз актуелната Влада и на тој начин тие ценат дека политичката репутација на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја намалат во очите на граѓаните – рече вечерва Мицкоски на гостување на TВ 21.
Тој рече дека Михајлова не поминала на легален граничен премин во Бугарија.
– Границата е помината нелегално. Штом јас ви го говорам ова, ви го кажувам со голема доза на прецизност. МВР тоа го истражува и ќе дојдеме до одговорите, но нема никаква вистина со она што го зборуваше адвокатот којшто сам по себе има одредено проблематично минато – истакна Мицкоски.
Не гледа пропуст кај институциите во државата и повтори дека правдата ќе ги стигне и Ива Михајлова и нејзиниот татко правосилно осуден во случајот „Детонатор“.
– Не мислам дека ова што го направиле за нив е спас и кога тогаш тие ќе одговараат. Ако мислам дека на овој начин ќе ја заобиколат правдата се лажат, а тоа што го направија властите кај нашиот источен сосед не можам да кажам дека е умен потег и мислам дека нивната репутација е сериозно нарушена на меѓународната сцена, но тоа е нивна работа – рече Мицкоски.