Еди Рама нема да поднесе оставка: Моја одговорност е да продолжам да ја водам Албанија напред!

by irena 22:23
22:23

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека нема да поднесе оставка, додека илјадници демонстранти, предводени од студенти, во Тирана кршеа прозорци и се судираа со полицијата, која употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.

„Моја одговорност е да слушам, да одговорам на легитимните загрижености и да продолжам да ја водам Албанија напред. Секоја друга одлука би била предавство кон Албанците, кои ми дадоа силен мандат да ги завршам преговорите за членство во Европската унија“, изјави Рама за Ројтерс.

Демонстрантите ги обвинуваат функционерите за корупција и занемарување на образованието. Тие се револтирани и поради продажбата на делови од крајбрежјето за изградба на луксузен комплекс, зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

По улиците во Тирана можат да се видат изгорени канти за ѓубре, уништени автобуски постојки и скршени семафори. Полицијата употреби солзавец, шок-бомби и водени топови против демонстрантите, кои фрлаа камења, запалија киоск, поставија барикади и упаднаа во една банка.

Демонстрантите бараат оставка од Рама, наведувајќи дека никој не обрнал внимание на нивните забелешки во текот на летото, кога се одржуваа претежно мирни протести против проектот на Кушнер.

Слични вести