Либерално-демократска партија ги оцени како лицемерни наводите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со поддршката на кампањата против семејното насилство и повиците на премиерот Христијан Мицкоски дека младите што протестираат имаат соговорник и соработник во него во однос на ова прашање. Од ЛДП велат дека владејачката партија нема право од морален аспект да говори на овој начин на темата, бидејќи во два наврати нејзините пратеници го одбиле предлог-законот на либерал-демократите за воведување електронски нараквици за следење на насилниците.
„Народот вели ‘ни срам, ни перде’, а токму така денес изгледа ВМРО-ДПМНЕ кога по трагичните убиства не само на Ајнет во Битола и Билјана Кириќ во Богданци, туку на Рамајана, Танкица, Ивана и нејзината ќерка, и многу други, излегува со соопштенија и зборува за превенција и заштита на жените. Со кој морал, со кој образ и со кое чувство на политичка надмоќ раководството на ВМРО-ДПМНЕ се претставува како партнер на младите и жените во спречувањето на насилството, кога во Собранието двапати – не еднаш, туку двапати – го одби предлог-законот на Либерално-демократската партија (ЛДП) за воведување електронски нараквици за следење на насилниците?“, велат од ЛДП.
Лидерката на партијата, Моника Зајкова, посочува дека станува збор за насилство што е „нормализирано“ во Македонија, поради непостапувањето на институциите и непрезмањето конкретни чекори за заштита на жените.
„До кога ќе ги слушаме жените како молат да не бидат убиени а добрите предлог-закони ќе бидат во фиока? Доста со тоа ‘решете си го проблемот дома’, токму зад тие четири ѕида жени секојдневно живеат во страв, трпат насилство, молат за помош, а некои никогаш не излегуваат живи! Ова е насилството што го нормализиравме во Македонија“, вели Зајкова.
Според партијата, во случајот не станува збор за политички препукувања, туку за трагична реалност во која можеле да бидат превенирани многу смртни случаи, тешки последици, скршени семејства и трауми, доколку власта го прифатела предлог-законот на ЛДП за електронска нараквица, наместо да ги чува своите половични законски решенија заглавени во собраниските фиоки.
„Наместо да пишуваат празни соопштенија и да се кријат зад половични решенија кои со месеци ги држат заглавени во собраниските фиоки уште од летото, власта имаше конкретен, сеопфатен предлог доставен од ЛДП – закон кој прецизно уредува не само воведување на електронската нараквица, туку и начинот на нејзина употреба, случаите во кои е задолжителна и итните мерки за заштита на жртвите“, велат од опозициската партија.
Оттаму посочуваат дека да имале либерал-демократите самостојно мнозинство во парламентот, овој систем одамна ќе бил функционален и ќе спасел многу човечки животи. Но, во актуелните околности, додаваат од ЛДП, потребна е парламентарна поддршка.
„Затоа порачуваме: имате мнозинство во Собранието, веднаш прифатете го и изгласајте го предлогот на ЛДП! Престанете да испраќате лицемерни соопштенија додека институциите и јавноста секојдневно се соочуваат со сѐ повеќе пријави за насилство кое завршува трагично. Секое ваше ново оправдување без конкретни дела само го зголемува гневот кај граѓаните“, се вели во соопштението од Либерал-демократската партија.