„Пораките од Владата на ДУИ поддржана од СДСМ се збунувачки. Прво, пораките се дека на соодветно ниво не се средбите. Па, потоа кога ќе бидат тие средби на соодветно ниво, аха значи на овие средби се разговарало за нешто друго. Па, потоа добро кога се среќавате зошто не објавувате слики. Па, кога ќе објавиме слики, аха на тие состаноци се случувало нешто конспиративно, тајно. Нема ништо ниту конспиративно, ниту тајно. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е поврзан со бугарскиот диктат и т.н. процес на уставни измени е јасен и тој е непроменет“.
Ова денеска од скопска Кисела Вода го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Кисела Вода.
Тој додаде дека на дневна основа во Македонија има многу теми што граѓаните ги мачат, а тоа е инфлација, лошата економија, скапите цени, ниските пензии, ниските плати, младите што се селат, луѓе што умираат по ходници во болници, ученици кои што добиваат учебници на крај од годината наместо на почетокот на учебната година итн.
„Во целиот овој сплет се споменува и темата за уставни измени, а таа тема соговорниците го добиваат одговорот како што го кажавме и пред година дена. А, тоа е дека под овие околности, ќе повторам, ВМРО-ДПМНЕ овој бугарски диктат нема да го поддржи, не сега туку и во иднина. Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ако навистина европските вредности не бидат на маса, ако навистина не видиме од нашите соговорници од исток промени во однесувањето, вистински европски вредности, гаранции, ние немаме намера да поддржиме таков процес“, нагласи Мицкоски.
На новинарско прашање во однос на тоа што Ковачевски тврди дека не знаел ништо за случајот со Мерко истакна дека Ковачевски знае да е премиер, да ужива привилегии и да троши народни пари а не знае што се случува во државата, затоа неопходни се избори помеѓу останатото и за да биде одглавен евроинтегративниот процес во Македонија.
„Тука не знам што е пострашно, дали прво е пострашно тоа што тој ништо не знае, а е премиер, знае да е премиер, и да ги ужива привилегиите што е премиер и да ги троши народните пари, за тоа знае, а ништо не знае што му се случува во државата. Ако јас не знам што се случува во државата а сум премиер, тогаш за што сум премиер, тогаш подобро да си заминам, нема потреба да бидам премиер. Тој не е аналитичар, да е аналитичар ќе го викаат на ТВ дебати со новинари па ќе прави анализа, тој треба да постапува. Второ, од како дозна што направи? Еве сега дозна, веќе не може да каже не знам и сега што правиме, што направи? Ништо, тоа е суштината и заради тоа мора тие да си заминат бидејќи колку подолго се таму, толку посиромашен е народот и толку повеќе Македонија ќе губи. Тоа е пораката, затоа час поскоро избори, меѓу другото и да биде одглавен евроинтегративниот процес во Македонија. Меѓу другото и тоа затоа што вака како што ја тераат работата не само што ќе се заглавиме, не само што ќе го испуштиме туку и уште долго време ќе бидеме во чекалната“, нагласи Мицкоски.