Мицкоски: Со Заев има шанса само да констатираме дека Договорот е мртов

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не отстапува од партискиот став дека е неуспешен референдумот за Договорот со Грција. Во врска со можната амнестија за 27 април и повикот на потпретседателот на партијата, Митко Јанчев, да биде прифатена таква понуда, Мицкоски вели дека тоа е негов личен став. Понудата, додава, не е ни витешка, ни чесна.

-Ние веруваме во правда и правдина и не признаваме никаква трговија со правото и правдината. Обвинетите се невини жртви на политички прогон од страна на Зоран Заев и СДСМ. Заев во неговиот говор имаше можност ним и на нивните семејства јавно да им се извини за сѐ што претрпеа тие во изминатата година, но тој одлучи во негов манипулативен стил да условува, поддржете го Договорот со Грција и потоа ќе има амнестија. Срамота – вели Мицкоски во интервју за „Дојче Веле“.

На прашањето дали има шанса да се најде заеднички јазик со Заев, тој одговара:

– Има шанса да констатираме дека Договорот е мртов. Секое натамошно силување на овој процес само ќе произведе дополнителни тензии и поларизации во општеството, а единствен виновник за тоа е Зоран Заев кој ветуваше нешто што не може да го исполни – вели првиот човек на десничарите.

Тој реагира што претседателот на Собранието, Талат Џафери, не го прифати неговото барање да се обрати пред пратениците на пленарната седница.

-Ако можеа Могерини и Столтенберг да се обратат во парламентот, не разбирам зошто не може да се обрати и лидерот на најголемата опозициска партија. Бидете трпеливи, денес-утре ќе го слушнете забранетиот говор и сето она што сакам да и го соопштам на јавноста како моја порака – додава тој и категорично ги демантира тврдењата дека сум имал средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Поврзани новости