Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по прогласувањето на победата на Гордана Силјановска Давкова во првиот круг повика на обединување во вториот круг, и употреби сличен слоган со оној кој го имаше Блерим Река, односно рече дека Силјановска е идниот претседател на Републиката.
-Победивме и тоа е победа на сите вас. Ги победивме сите оние остатоци од транзцијата, сите измамнички политики на Заев. Ги победивме, но не целосно ги поразивме. Затоа е потребна победа во вториот круг. Што е најважно, ја победивме хотел коалицијата. Доаѓа правдата за Македонија, правдата за која се обединивме, правдата која беше нашата водилка. Затоа што владата на Заев донесе неправда, криминал и корупција. Оваа победа е велика затоа што е на народот. Од денес Македонија ќе има нова реалност. Победи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот. Народот против целата власт. Почна падот на Зоран Заев и секој треба да е свесен за тоа. Македонската пролет доаѓа. Победивме во Скопје, цело Скопје е повторно вмровски град. Победивме во Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Аеродром, Кисела Вода, во Битола, Штип, Прилеп, Неготино, Велес, Кичево, Виница, Кочани, Демир Капија, Охрид, Ново Село. Ајде заеднички во вториот круг да дојдеме до таа толку посакувана победа, да го поразиме Зоран Заев. Гордана е идниот претседател на Републиката, претседател на Македонија. Ајде сите да се обединиме во вториот круг, без разлика на партиската, етничката и верската припадност, рече Мицкоски.