Денес стоиме пред историјата на еден народ кој низ вековите поминал низ премногу искушенија и неправди, но никогаш не се откажал од своето право да биде свој и да има сопствена држава, порача претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во своето обраќање на свечената академија по повод 11 Октомври — Денот на народното востание.
Свеченоста се одржа пред Спомен-костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“, каде што претходно бројни делегации положија цвеќе, а Воениот оркестар изведе композиции од македонската борба за слобода.
-Секој ден легнувам и станувам со прашањето дали успеваме и дали можеме подобро, истакна премиерот.
Мицкоски призна дека е тешко да се одговори на сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и дека секојдневно размислува дали Владата прави доволно.
-Точно е дека е многу тешко, иако гласно не зборувам за тоа што го сочувствувам со секоја тешка судбина која ја слушам низ разговори, или медиуми. Би дал сè од себе за да можам да го решам секое прашање и мака којашто ја има народот. Сигурен сум дека може повеќе, рече премиерот.
Тој истовремено изрази уверување дека Владата постигнува резултати, нагласувајќи дека, според него, се вложуваат максимални напори за спроведување реформи и подобрување на состојбите.
-Но исто така, сигурен сум дека успеваме и го даваме последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот што го затекнавме, да подигнеме цврст дом на темелите кои одново ги зидавме, и во таа наша борба резултатите почнуваат да стануваат видливи, изјави Мицкоски.
Премиерот оцени дека Владата работи во исклучително тешки услови, за кои ги посочи наследените проблеми во институциите и актуелните глобални кризи.