Мицкоски: Сега може да седнеме и да разговараме за промена на изборниот модел

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е против избор на пратениците во Собранието во една изборна единица и изборниот модел да се менува неколку месеци пред избори, но сега може да се седне и да се разговара за промена на изборниот модел, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Канал 5.

– Ние може сега да седнеме и да разговараме за промена на изборниот модел зошто да не биде пола-пола, да речеме да имаме 60 мнозински изборни единици и една изборна единица која што ќе даде 60 пратеници, зошто да не зборуваме за 120 мнозински, додаде Мицкоски.

Според него, политичарите треба да покажат зрелост и на следните локални избори да не се трошат пари во услови на тешката економска состојба и градоначалниците да се избираат во два круга.

– Мислам дека треба да заврши изборниот циклус посебно во делот на градоначалниците во еден изборен круг и тоа е вистинска реформа која што треба да ја направиме и на тој начин ќе заштедиме милиони пари од граѓаните и истите тие милиони може да ги насочиме за таблети и лаптопи за децава да можат да следат настава онлајн, истакна Мицкоски.

Говорејќи за пописот на населението најавен за следната година, Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ја поддржи оваа операција, доколку не биде вклучена во изработка на законот за попис.

– Нас не ни е потребна операција попис заради исполнување на какви било бројки. Нас ни е потребно операција за дефинирање на статистички параметри во државата, нагласи Мицкоски.

Поврзани новости