Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и во денешното гостување на телевизија Канал 5 повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е победник на првиот круг во претседателските избори, иако нивната кандидатка освои 4.000 гласови помалку од противникот.
Оваа теорија за победа, Мицкоски ја „темели“ на процентот кои Силјановска го освоила од оние граѓани кои излегле на изборите и гласале, иако за референдумот ВМРО-ДПМНЕ имаше друг аршин (94 отсто од граѓаните кои излегоа на референдумот гласаа „за“).
-Она што треба да го констатираме после овие избори е што ВМРО-ДПМНЕ е партија број еден, партија што овие избори ги победи доминатно, партија што освои 42,5 проценти од оние граѓани кои излегоа на гласање. Коалицијата е намалена за неколку партии кои преминаа кај Заев. Имајќи ги предвид новите партии кои му се придружија, Заев од локалните избори до сега загуби околу 100.000 гласови. ВМРО-ДПМНЕ заедно со идниот претседател Силјановска очекува победа во вториот круг, рече Мицкоски.