Илинден е крикот на поробениот Македонец, тоа е жедта за слобода и човечки правдини, природниот стремеж за своја држава на секој Македонец, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на чествувањето на денешниот празник во Ташмаруниште, струшко.
– Претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред насобраните Илинденци рекол „Ние револуционерите дигнавме пушка, и на нашето црвено знаме напишавме, СМРТ ИЛИ Слобода, за да си ги запазиме животот, верата и честа. Ние го кренавме тоа црвено знаме и назад нема затоа што пред нас ја имаме целта, нашата мила Македонија“, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека кога се збори за вака една епска борба за слобода, и кога се имаат во предвид последиците кои подоцна се чуствувале, човечките жртви, уцени, палења, пустоши што се случувале, основната порака денес симплицифирана, поедноставена е дека живееме скапа слобода испишана со човечки жртви која мораме да ја сочуваме, и нејзиното зачувување пред се зависи од нас самите.
Пред насобраниот народ тој истакна дека треба да се потсети на имињата на револуционерите,но и да го опише нивното дело кое нам не задолжува.
-Македонија е име кое се изговара со смирена благонаклоност, со чест и достоинство, со вера и со гордно крената глава. Илинденците ги поставија темелите, нивните наследници партизаните продолжија со градба, наша должност е да ја зачуваме оваа држава која е составена од човечки судбини, страдања и премрежја, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на политичката ситуација во земјава.
-Гледаме како премиерот и естаблишментот околу него силно се удираат во гради дека биле за Европската Унија, а демек сите останати кои не ја споделуваме нивната капитулација, не сме биле за ЕУ. Да не знаевме со кого си имаме работа може и некој ќе им поверуваше, а вака сето тоа удирање во гради за Европската Унија завршува во секундата кога ќе се подели некој тендер во здравството, или државна помош на фирмата на вицепремиерот, па затоа за да се одбегне јавноста кругот ќе се прошири со фирми на нивните кумашини. Или кога вицепремиерката така поради добро расположение со државен хелихопер ќе одлета на ручек, додека во болниците имаме недостаток на инкубатори за новороденчиња и имаме недостаток од амбулантни возила и кога полицајци и војници пешки го обезбедува теренот, затоа што возила нема. ЕУ не почитува такви политичари, рече Мицкоски и порача:
-И затоа колку и да се удираат во гради дека биле за ДА, толку повеќе луѓето во Македонија ќе им кажат големо НЕ, доста е!“