Мицкоски: Се повлекувам од политиката, ако има докази дека сум нарачувал напади кон семејството на Ковачевски

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва преку Фејсбук одговори на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека биле нарачувани напади на социјалните медиуми од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го повика Ковачевски, доколку има, до Обвинителството да достави докази за обвинувањата кои денеска ги изнесе во јавноста дека опозицискиот лидер наредувал недолични напади врз неговата сопруга и ќерка.

-Во интерес на вистината го повикувам Ковачевски веднаш до обвинителство да достави докази и истите да ги покаже јавно, а доколку тоа е така како што тој тврди, јас веднаш се повлекувам од политиката. Доколку тоа не го стори многумина ќе очекуваат да го тужам и правдата за оваа лоша лага да ја барам на суд…, но тоа нема да го сторам…, овој човек што го вовлекува своето семејство не заслужува такво внимание, поради што и сум вистински згрозен, вели Мицкоски.

Тој додава дека нема себеси да се прикажува за жртва поради тоа што на неговото семејство му се доделувале невкусни ептитети и тоа токму од, како што напиша, инсталициите на власта, оние кои управуваат медиуми и тие кои добиваат пари од истите.

-Тоа што се инволвираат членови на моето семејсво во црна кампања, мојата сопруга, мајка, татко, сестра, тоа што се подметнува наводно скриен имот кој не е мој итн, итн. Јас нема да говорам за сето ова, зошто мојата решеност да одам до крај и да се борам за иднината е поголема од секоја нивна слабост и подмолност.
А вам две дами Ковачевски, не Ве познавам и сакам од срце да ви се извинам што морате ова да го читате. Имате мој поклон до земја. Со ништо не сум сторил нити ќе сторам да ја повредам вашата чест и достоинство, ниту на памет ми паднало семејства да вовлекувам во дневна политика. Ви посакувам бескрајно многу здравје и сила ова да го издржите. Знам што е да си сопруг и родител и јас за моето семејство ќе сторам се во животот, затоа го почитувам секое друго семејство затоа што знам дека тоа му значи на некого онолку колку моето мене ми значи, а ми значи СЕ на светот, порача Мицкоски.

Поврзани новости