Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, инсистира евентуалната лидерска средба да биде во формат „еден на еден“. Тој во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека би било добро средбата да биде во таков формат, а не во формат на тимови, бидејќи претходно искуство му покажува дека во таков широк состав никогаш не се носеле заклучоци.
-Средба во тимови е повеќе ПР-егзибиција, да поминат неколку часа разговори на оваа или на онаа тема, да излеземе пред новинарите, да дадеме изјави и, практично, освен спектакл за јавноста, воопшто ништо нема да значи таа средба. Јас, напротив, сметам дека во овие моменти, кои се суштински за државата, е потребно на следната лидерска средба да излеземе со некаков заклучок – рече Мицкоски.
Тој соопшти дека до овој момент нема официјална покана за средба од страна на организаторот, но доколку постои инсистирање наместо лидерска да има тимска средба, тогаш предлогот на Мицкоски е прво да се организира средба помеѓу тимовите, па дури потоа да се сретнат претседателите на партиите.
Според него, владата нема изборен легитимитет да истурка уставни измени.
-Политичари што сакаат да имат политички авторитет и политичари со народен кредибилитет, најпрво треба да излезат пред народот и да му кажат – видете, луѓе, имаме проблем, проблемот е на маса, овие го прифатија овој проблем, надвор од ваша волја, надвор од волјата на политичките партии во Македонија, ние ова не можеме да го прифатиме вака како што е и затоа го нудиме ова и ова решение – рече Мицкоски.