Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашната дебата на Канал 5 изјави дека партијата денеска доставила 65 амандмани до Министерството за правда по однос на Законот за јавно обвинителство.
-Преговорите за СЈО не се пропаднати, се уште траат. Мислам дека на процесот треба да му се даде шанса, па да видиме дали ќе имаме позитивен резултат. Во текот на денешниот ден до меѓународната заедница и Министерството за правда доставена е предлог верзија за амандманите. Министерството вчера ги прифати принципите откако претходно не сакаше да се согласи: правда се секого и за сите, неселективна правда, почитување на човековите права. Затоа денеска во тврда копија се доставени 65 предлог амандмани – рече Мицкоски.
Тој додаде дека амднамните предвидуваат СЈО да биде оддел во веќе постоечкото Обвинителство за организиран криминал и корупција.
– Нашиот принцип е поинаков, ако се остави СЈО да биде инкорпорирано и да му бидат оставени истите ингеренции тогаш не сме ја постигнале целта. Имаме сиромашен буџет и ограничени средства, подобро да го споиме СЈО со Обвинителството за организиран криминал и корупција, да имаме оддел за висока корупција и криминал, тоа е нашиот предлог – додаде тој.