По мое мислење, ќе требаат од 2 до 2,5 милијарди евра за да излеземе од оваа ситуација, за да ја завршиме оваа и да ја поминеме следната година, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за најновиот број на неделникот Фокус. Според него, енергетската криза сама по себе нема да биде толкав проблем колку што ќе се трансформира во финансиска криза.
-Предупредив уште пред една година дека до тоа ќе дојде и понудив сценарио на излез пред 6-7 месеци. Потоа власта порачуваше дека ја имаат ситуацијата под контрола, дека опозицијата шири дефетизам и дека јас сум покажувал елементарно непознавање. Наместо да се фатат за работа, одлучија мене да ме навредуваат, но направија една работа – тендерите во четири очи. Тоа е суштината. Договараа инстант-фирми денес формирани, утре да добиваат мултимилионски договори за превоз на јаглен. Инстант-фирми добиваа тендери за снабдување со мазут, вршеа ископи во РЕК Битола… – вели Мицкоски.
Тој предупредува дека ако не се случи идеална ситуација да работат трите блока на РЕК Битола, ако не работат двете турбини на ХЕЦ Неготино и не работи Осломеј и ако нема одлична кондиција со хидроцентралите, банкротот ќе дојде многу побргу.
-Ние сме лето, а блоковите ни паѓаат како печурки. Есента уште не е дојдена, а замислете зимата кога ќе дојде што ќе се случува. Треба да се обезбедат пари. Ние не можеме со мерки што ќе ги донесеме да дејствуваме на дневно, неделно или на месечно ниво. Ние сега треба да работиме за следната година, за следната есен и зима. Тоа е суштината во енергетиката, работите нема да се случат преку ноќ, треба да помине време – истакнува Мицкоски.
Тој додава дека технички, процесот можело да се менаџира пред 6-7 месеци, додека сега тоа може да се прави за следната година.
-Веќе дефицитот е близу 350 милиони евра. Се најавува ново задолжување зашто в година ни стигнува еврообврзница од 450 милиони евра, значи во моментот ви требаат 800 милиони евра. Затоа направив еден базен од сите овие инпути и велам дека од 2 до 2 и пол милијарди евра ни требаат во моментот за оваа и за следната година, за некако да ја менаџираме оваа криза – вели Мицкоски.
Според него, Владата нема јасен планот како финансиски да ја затвори ситуацијата, ниту пак е енергетски обезбедена.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ