Мицкоски предлага нов закон со кој на обвинителите од СЈО ќе им бидат одземени предметите

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави денеска ново решение за статусот на СЈО, при тоа барајќи обвинителите од ова обвинителство да се вратат во матичните обвинителства по завршување на мандатот. Ова е спротивно од законското решение предложено од Владата, кое предвидува овие обвинители да продолжат да работат на своите предмети.

-Не можеме да се сложиме со закон овие обвинители да бидат префрлени во новото јавно обвинителство. Сите обвинители според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се вратат во матичните обвинителства. Освен тоа потребна е детална истрага за срамниот случај Рекет, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, нејзината релација со осомничените и определени псевдоними, истрага и за директната или индиректна вмешаност на сите обвинители кои беа нејзини помошници – рече Мицкоски.

Во решението што ВМРО-ДПМНЕ го предлага, наместо веќе предложеното законско решение од Влада, се предвидува овие обвинители да можат да конкурираат на конкурс за вработување на обвинители во новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

Мицкоски рече дека владиното законско решение предвидува Катица Јанева да биде унапредена во републички јавен обвинител по завршување на нејзиниот мандат. Тоа, според него, е неприфатливо.

Мицкоски изјави дека предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ предвидува предметите на СЈО да ги преземе државното јавно обвинителство и понатаму да ги прераспредели.

-Од процесите започнати на ниво на обвинение до 30.06.2017 Влада предлага да бидат преземени од новото обвинителство, непочитувајќи го системот на субординација. ВМРО-ДПМНЕ се залага сите тие предмети во фаза во која што се доказна постапка, распит на сведоци, или завршни зборови, да ги преземе државниот јавен обвинител и да ги прераспредели онаму каде припаѓаат – рече Мицкоски.

Како четврто тој рече дека предлогот на СДСМ со кој се предвидува финансиска независност само на новоформираното обвинителство, е навреда, како што рече, за останатите обвинители. ВМРО-ДПМНЕ предлага финансиска независност на целокупнато државно обвинителство.

Дополнително ВМРО-ДПМНЕ предлага одговорност за покренување неиздржани обвиненија. При тоа, посочува, штетата ќе треба да ја плати обвинителот кој ги покренал.

-Не можеме да се согласиме на формирање уште еден монарх, доколку обвинител под политичко влијание, или од друго мотивиран, покрене обвинение или судски процес, а при тоа се констатира дека тоа обвинение не било издржано и се нанесе штета на угледот и се бара надомест на штета преку судска постапка, обвинителот и таа штета да ја надомеси а не да се надоместува од паричниците на граѓаните – рече Мицкоски.

Поврзани новости