Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својот вечерашен говор пред делегатите, во еден дел посочи дека сите може да приметат дека не го споменал Зоран Заев и СДСМ, за кои изрази надеж дека ќе се променат.
Сепак Мицкоски вечерва зборувал за Заев и тоа во затворениот дел од конгресот.
-Често ќе споменат дека сум премногу млак, недоволно жесток како и тоа дека им давам премногу шанси на луѓето. Ги слушам и оние кои велат ете го професорот во него, а забораваат дека од другата страна имаме пазарџија од Горни Милановац, кој ненормалното го прикажува за нормално. И ако тие така се однесуваат не значи дека моето однесување и желбата да штитам морал во политиката е грешка.
Не велам ниту дека сум најискусниот во политиката, но тоа нема никаква врска со моите искрени намери да ги менуваме работите кои на луѓето им се важни. А оние кои велат дека сум млак и премногу професор во политиката, тоа е само затоа што предолго нашата средина беше контаминирана од личности кои во политиката наметнаа стандарди на искривени вредности за тоа што е правилно, а што не.
Сетете се пред малку кога ви говорев дека политиката станува крволочна арена каде не постои светост, ниту се води сметка за чувствата на најблиските околу нас, е тоа е сликата која јас сакам да се смени, и извитопереноста да не стане стандард на делувањето. Верувам во нешто што се вика етика, џентлменство и манири. Затоа што тоа се работи кои се темелат на вредности. И само така можеме да го пресушиме политичкото блато во кое нè ставија овие луѓе, рекол Мицкоски.