Претседателот на опозицијата, Христијан Мицкоски, присуствуваше на вчерашниот пример на австриската амбасада по повод претседателството на Австрија со Европската унија. Истиот ден порано пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотираа Комисијата за европски прашања на Собранието на која се обрати амбасадорката Ренате Коблер. Како причина наведоа дека е тоа што во исто време беше закажана и седницата за поставување на пратенички прашања.
Сепак Мицкоски се појави на приемот на платото пред МОБ. Тој беше поздравен од амбасадорката, а премиерот Зоран Заев, обраќајќи се пред присутните се осврна на опозицијата и рече дека заедно со ВМРО-ДПМНЕ Македонија треба да се внесе во ЕУ.
– Европа е потреба, за Европската унија, за нашиот регион што цели кон неа, за светот, затоа што Европа е доказ дека различностите се предност, заедништвото е можно – до стабилен свет, до спокоен свет, до економски развиен свет, до свет за сите. Јас се согласувам со канцеларот Курц дека успехот на Европа е можен само ако сите земји во Унијата соработуваат меѓу себе, а среќен сум дека интеграцијата на Западен Балкан во Унијата останува фокус и на австриското претседателство. Ваквиот фокус нам ни дава шанса да се бориме за нашата европска перспектива, да ги забрзаме реформите, да ги довршиме започнатите мостови со соседите – додаде Заев.