Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека конструктивно разговарале за економската и политичката ситуација во Македонија. Ахмети му го честитал изборот на Мицкоски за лидер на партијата и му посакал успех во работењето, рече тој.
– Ги презентиравме нашите ставови околу политичката и економската ситуација, за се она што мислиме дека погрешно се прави. Се надевам овие средби ќе прераснат во традиција, почесто да се среќаваме за да се релаксира политичката ситуација – рече Мицкоски.
По однос на поддршката за реформи, тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е партија ориентирана кон интеграција во ЕУ и НАТО и како таква ќе придонесе реформите да бидат квалитетни, а не само, како што рече, голи бројки на хартија. Сепак, тој посочи, дека ВМРО-ДПМНЕ за сега не се враќа во Собранието.
-Не можеме да учествуваме во работата на Собранието и од математичка и од политичка гледна точка. Како што знаете 12 отсто од пратениците на нашата пратеничка група се во притвор. Од политичка гледна точка имаме сериозно нарушување на демократскиот амбиент во државата – додаде тој.
Посочи дека некој мора да сноси одговорност за апсењето на пратениците, а по однос на Законот за јазици додаде дека на средбата двајцата лидери не преговарале, туку само ги презентирале нивните аргументи.