Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на својата Фејсбук страница објави известување за своите денешни активности, а ги спомена и наводните СМС пораки во кои премиерот Заев вели дека СДСМ вработила 28.000 луѓе. Она што е интересно е иако портпарлот на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес конференција на која ги презентираше овие наводни СМС пораки, Мицкоски во објавата вели дека ги видел во „одредени медиуми“.
-Денес гледам од одредени медиуми како се пренесуваат СМС пораки од премиерот во кој се фали дека вработил над 28 илјади партиски војници.Ако ова e вистина тоа значи дека за толку ја оптоварил државната администрација, за 28 илјади плати кои ќе ги плаќаат граѓаните. Очигледно непотизмот како канцер се шири и преставува составен дел на Заевизмот, но вистинската хаварија е тоа што позади секој од тие 28 илјади ново вработени партиски луѓе, стои најмалку еден разочаран граѓанин и млад човек, кој учел, се борел низ животот, неговото семејство вложувало и се надевало. Сега кај секој еден од нив помислата е една, како може да ја напуштат државата затоа што со оваа власт тука иднина нема. Тоа е страшната последица на Заевизмот данокот кој го плаќа секој еден граѓанин. Не смееме да бидеме општество на привелигирана власт и угнетени граѓани. Не смееме да дозволиме талентираните да бидат бркани од неталентираните. Оваа држава треба да биде подеднаква за сите граѓани, пишува Мицкоски.
Денеска од Владата реагираа дека овие СМС пораки се лажни, односно се графичка манипулација. Наводните пораки најпрво ги објави еден портал, а потоа истите ВМРО-ДПМНЕ ги презентираше на прес-конференција преку портпаролот Димче Арсовски.