Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски и членот на ИК, Игор Николов во Париз остварија средба со пратеникот во Францускиот Парламент и потпретседател на комитетот за надворешни работи Жак Мари и Францускиот Сенатор и поранешен француски министер за одбрана Алан Ричард.
По завршувањето на средбата Мицкоски изјави:
-Втор ден сме овде во Париз, разговараме со претставници на францускиот Сенат и Парламентот. Разговараме за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, но истовремено разговараме и за новата методологија која беше содржана во таканаречениот документ „Нон пејпер“, кој што беше претставен на европската, но и на македонската јавност. Ја пренесовме нашата порака дека после следните предвремени парламентарни избори кои што ќе се случат во април месец следната година, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се фокусира на исклучително квалитетни реформи од областа на владеењето на правото, обезбедување независно обвинителство, независно судство, нешто што недостасува во овој период. Односно сето она кое што денеска добро изгледа на хартија ќе биде можеби подобрено, но сето она кое што денеска во пракса практично не е применливо ќе биде испорачано во реформите кои што следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги донесе во Македонија, веднаш после предвремените парламентарни избори.