Мицкоски од Крушево: Власта ги посетува само на избори и за Илинден

by Fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со уште неколку членови на партијата, денеска остварија средба со крушевчани. Како што вели Мицкоски, актуелната власт го има подзаборавено ова историско гратче.

„Граѓаните таму ми велат власта не посетува само на избори, или ако треба да пратат делегација за одбележување на Илинден, во целиот останат период градот и општината се заборавени. Крушево станува раселен град, а луѓето кои останаа ги живеат црнилата како и сите oстанати граѓани од државата.

Згора на тоа ја покачуваат цената на лебот и од власта со неподнослива ароганција велат бидете среќни поскапува само најевтиниот леб, како да граѓаните претходно купуваа само најскап.

Се креваат даноците, и вистинска лага е дека ќе земаат само од богатите, туку ги опфаќаат сите граѓани. Земјоделците, професорите, интелектуалците, оние кои живеат од киријата од некој наследен објект, просторија, оние кои со мака заработуваат преку авторски труд, некаква самостојна дејност. Сега ќе оди повеќе за државата, за нивниот комодитет, додека граѓаните од тоа не гледаат ништо.

Туризмот во Крушево се уништува, нема ниту една инвестиција на тој план, додека подеднаква мака останува фактот што младите се иселуваат од градот. Празни улици, празни куќи. Велат си одат затоа што не ја гледаат иднината.

Мора да се гради иднина токму овде, во Крушево. Да им се помогне на луѓето преку инвестиции, обезбедување на сигурност, иднина.

За да се случи тоа мора да се победат црнилата на власта. На Македонија и треба премиер кој ќе споделува вистински европски вредности, а не прикриен афрички монарх. Зората ќе ги победи тие црнила, и тоа ќе биде победа на Македонија и нејзините граѓани“, напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.

Заминувањето на младите од Крушево сериозно го има погодено овој град, а според неофицијалните информации, во Крушево живеат околу 2.500 жители.

Поврзани новости